Средства за 150 електрични автобуси за намалување на аерозагадувањето
На собраниската седница за пратенички прашања беше соопштено дека обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините со организиран јавен превоз, со што се очекува значително намалување на аерозагадувањето.
Информацијата ја соопшти претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој наведе дека целта е обезбедување еколошки транспорт во сите општини каде што постои организиран јавен превоз. Тој посочи дека постапката за набавка е веќе започната и дека најголемиот дел од средствата ќе бидат обезбедени преку стратешко партнерство влада со влада со Унгарија, додека помал дел ќе биде покриен од буџетот под исти услови како и претходниот договор за кредитно задолжување.
„Она кое што можеме ние како влада да го направиме е да обезбедиме транспорт за општините, онаму каде има организиран, којшто ќе биде еколошки. И токму таа е целта на набавка на овие 150 еколошки автобуси коишто се на електричен погон, користат исклучиво енергетско напојување кое за животната средина нема штетно влијание. Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од влада со влада стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел обезбедени од буџет под услови подеднакво доби како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија“, одговори Мицкоски на пратеничко прашање.
Распределба на автобусите и паралелни транспортни проекти
Според најавеното, сите 150 електрични автобуси ќе бидат распределени во општините со организиран јавен градски превоз. Од вкупниот број, 100 автобуси се предвидени за Град Скопје, додека останатите 50 ќе бидат распределени во другите општини.
Во делот што се однесува на Скопје, беше наведено дека набавката на електрични автобуси е дел од поширок пакет мерки за намалување на аерозагадувањето. Во тој контекст беа спомнати и други тековни и планирани проекти, меѓу кои и Градскиот воз, чија прва делница е во фаза на реализација, а по неа се очекува изградба на втората и третата делница.
„Конкретно во Скопје во насока на намалување на аерозагадувањето, тука ќе го споменам и Градскиот воз чија што прва делница сега се прави, а потоа ќе следат втората и третата, и очекувам заедно со БРТ системот и новите проекти во делот на гасификацијата, односно когенерацијата, заедно со производство на електрична енергија и топлина во периодот кој следи драматично да се намали аерозагадувањето. Ова се конкретни потези, сме ги лоцирале точките и работиме и ќе треба време. Процесот е почнат, обезбедено е финансирањето под услови исти како што имавме со претходниот заем, три години грејс период, каматна стапка од 3,25% минимум за останатиот период до 15 година отплата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада. Следи процедура и набавка на овие 150 автобуси и нивна распределба“, истакна Мицкоски.
Во рамките на истата седница беше наведено и дека со воведувањето на електричните автобуси се очекува значително намалување на оперативните трошоци. Како што беше посочено, ефектите од оваа мерка се повеќеслојни, со позитивно влијание врз животната средина, но и со пониски трошоци за одржување на јавниот превоз.
