Итен состанок во Данска за судбината на Гренланд

Со засилени мерки за безбедност и строга доверливост, данската влада синоќа одржа состанок во Копенхаген на кој се разгледуваше стратегијата за актуелната криза поврзана со Гренланд. По околу два часа разговори, министерот за надворешни работи Ларс Леке Расмусен соопшти дека ќе побара средба со својот американски колега Марко Рубио, со цел, како што рече, да се „разјаснат недоразбирањата“.

Обид за смирување на тензиите

Расмусен изјави дека Данска смета оти сегашната состојба е резултат на погрешни толкувања, наведувајќи дека не е точно дека руски и кинески бродови се движат околу Нук. Тој најави и патување во Вашингтон заедно со Вивијан Мотцфелд, министерката за надворешни работи на Гренланд, без да прецизира термин. Овој настап се толкува како чекор кон деескалација и значително поблага реторика во однос на изјавите на данската премиерка Мете Фредериксен, која не присуствуваше на состанокот поради самитот во Париз.

Соработка да, суверенитет не

Данскиот министер нагласи дека „САД не можат едноставно да го добијат Гренланд“, иако се согласи со оценката на американскиот претседател Доналд Трамп дека постојат безбедносни предизвици на Арктикот. Тој истакна подготвеност за соработка и евентуално проширување на американското присуство, но категорично ја отфрли можноста за откажување од суверенитетот, додавајќи дека продажбата на Гренланд „не е ниту опција“.

Реакции од Гренланд и проценки на експертите

Средбата во Копенхаген наиде на критики во Гренланд. Пипалук Линге, претседателка на Комитетот за надворешна и безбедносна политика на парламентот, изрази незадоволство што не бил поканет ниту еден гренландски претставник, оценувајќи го пристапот како неоколонијалистички. Данските власти возвратија дека поради чувствителноста на темата било неопходно сите учесници да бидат физички присутни во Копенхаген.

Во меѓувреме, експертите за меѓународни односи предупредуваат дека Данска би останала сама во евентуален конфликт. Петер Виго Јакобсен од Данската одбранбена академија изјави дека американската воена моќ е пресилна и дека секоја борба би била бесмислена, додека Јакоб Линет Шмит од Данскиот институт за меѓународни студии оцени дека вооружен судир против САД би бил самоубиствен, дури и со поддршка од европските сојузници.