Проблеми со излевања, одрони и поплавени објекти

Обилните дождови во последното деноноќие предизвикаа зголемување на водостоите на реките и предизвикаа излевања, поплавени објекти и одрони на повеќе локации низ државата, соопшти Центарот за управување со кризи. Во Битолскиот регион има излевање на реката Шемница кај селото Лера со поплавена куќа и штали, а во општина Новаци е прекинат патот кон рудникот Брод–Гнеотино поради надојдена вода од Црна Река. Во Преспанскиот регион има излевања на реки во селата Царев Двор и Дрмени со поплавени куќи, а институциите предупредуваат дека постои опасност од излевање и на Голема Река.

Во Струмичкиот регион нема пријавени штети, но регистрирани се одрони на патниот правец Струмица–Валандово. Во Скопскиот регион има зголемено ниво на речните корита, но засега без излевања. Во Велешкиот регион се регистрирани одрони и паднато дрво на два патни правци, а Вардар е со висок водостој и со можност за излевање кај автобуската станица. Штипскиот регион засега нема пријавени проблеми. Во Охридскиот регион водостоите се високи и има излевања на повеќе места, со ризик за поединечни станбени објекти. Активирани се екипи за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска Река.

Во Кумановскиот регион нема излевања во Куманово и Липково, а се расчистуваат наноси кај селото Коинце. Во Кратовскиот регион водостоите се зголемени, но без штети, и е исчистен одронот кај патот Страцин–Пробиштип. Во Тетовскиот регион водостоите се зголемени, но без излевања и без пријавени штети.

Времето и податоците за врнежите според УХМР

Од УХМР информираат дека денеска се очекува променливо облачно време со локални обилни врнежи, можни грмежи и силен јужен ветер над 60 километри на час. Температурите ќе се движат од 13 до 19 степени, а во Скопскиот регион до 17 степени. Најмногу врнежи се измерени во Претор со 66 литри на метар квадратен, а следуваат Крушево со 37, Битола со 30 и Прилеп со 26. Забележан е и висок водостој на реката Сатеска, со препорака за зголемено внимание.

Апел до населението и мерките на институциите

Сите надлежни институции се навремено известени од Центарот за управување со кризи и работат на санација и заштита на населението и инфраструктурата. ЦУК апелира до граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови и поплавени површини, да ги следат упатствата на службите и да пријават било каква опасност на бројот 112.