Агелер и Николоски со разговор за Коридорите 8 и 10 и зајакнување на транспортната инфраструктура
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија се огласи по средбата меѓу американската амбасадорка Ангела Агелер и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски. Во објавата се наведува дека на средбата биле разгледани заедничките приоритети и можностите за соработка во зајакнување на транспортната инфраструктура на земјава.
Амбасадорката Агелер ја истакнала важноста од користење на експертизата на САД и ја поздравила поддршката од министерот Николоски за развојот на Коридорите 8 и 10, кои се дел од клучните НАТО транспортни мрежи и имаат значајна улога за регионалната поврзаност и трговијата.
Фокус на економската соработка и деловната клима
На средбата, одржана во Министерството за транспорт, било оценето дека економските врски меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави бележат континуиран раст, како резултат на реформските процеси кои ја зголемуваат довербата кај граѓаните и инвеститорите.
Вицепремиерот Николоски нагласил дека добрите билатерални односи директно придонесуваат за унапредување на економската соработка, при што подобрувањето на деловната клима останува една од стратешките определби на Владата за побрз економски и општествен развој.
Коридорите 8 и 10 како стратешки приоритет
Во фокусот на разговорите била и реализацијата на инфраструктурните проекти на Коридорите 8 и 10, како и Коридорот 10-д, при што била нагласена силната посветеност на Македонија за нивна доизградба и модернизација. Посебно било истакнато значењето на вклученоста на американски компании во реализацијата на овие проекти, како извор на нови знаења, технологии и современи практики.
На средбата биле потврдени и одличните односи меѓу двете земји, како и поддршката од САД во насока на јакнење на демократските процеси, владеењето на правото, борбата против корупцијата и процесот на пристапните преговори за членство во Европската Унија. На крајот било заеднички заклучено дека партнерството меѓу Македонија и САД ќе продолжи и во иднина.
