Во Велика Британија денеска беше објавен извештај за забавите на Даунинг стрит за време на забраната за собири, во кој се наведува дека одговорноста за културата на однесување што доведе до прекршување на правилата во кабинетот на премиерот Борис Џонсон мора да ја сносат тие што имаат највисоката функција.
Во долгоочекуваниот извештај на високата државна истражителка Сју Греј за така наречениот скандал „партигејт“ се наведува дека културата што ги овозможила настаните што се случиле „никогаш не смее да се повтори“.
Пред сè, високото раководство, и политичарите и функционерите, мора да одговараат за оваа култура, се наведува во извештајот од 37 страници.
Греј истражуваше 16 митинзи на кои присуствуваше премиерот Џонсон и неговиот персонал во 2020 и во 2021 година, додека на луѓето во Обединетото Кралство им беа забранети социјални контакти во согласност со рестриктивните мерки воведени од конзервативната Влада.
Таа додаде дека се забележани „неуспеси на раководството и во процените“.