– Слабата примена на конфискација на имот е поради отсуство на електронска поврзаност на ОЈО и другите институциите, како и немање човечки капацитети. Заложбите за борба против криминалот наметнува потреба за зајакнување на капацитетите и следење на финансиските средства и нелегално стекнат имот. Проактивноста на институциите ќе придонесат и за водење финансиска истрага паралелно со криминалистичката. Очекуваме да се намалат ризиците за препродажба или прикривање на налегално стекнатите имот и средства, кажа Николовски.

Тој додаде дека од големо значење е и електронското поврзување на институциите, преку нивна дигитализација и навремена размена на информации, односно преку програмата за интероперабилност.

– Се зајакнуваат и капацитетите на Основните јавни обвинителства низ државата, заедно со истражните центри. Министерството за правда заедно со ОЈО достави анализа за кадровската и техничка потреба на обвинителствата, што ќе придонесе за ефикасно водење на истрагите и успешно конфискување на нелегалниот имот, рече Николовски.

Вицепремиерот откри дека до крајот на август ќе биде познат и текстот на предлог закон за потекло на имот, со кој ќе се контролира капиталот, ефикасна ќе биде конфискацијата и ќе се спречи богатењето на грбот на граѓаните.

Од друга страна, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски посочи дека со имплементацијата на стратегијата ќе се зајакне борбата против криминалот и корупцијата, со водење на координирани финансиски истраги. Министерот додаде дека е потребен системски приод за зајканување на капацитетите на институциите.

– Целосно сме посветени на градење систем кој ја пренесува пораката дека криминалот не е исплатлив. Успешноста на овој процес ќе влијае на зголемена доверба на граѓаните во државните институции. Формирањето на посебната специјализирана единица во МВР за водење финансиска истрага во 2020 испорача резултати. Сега е важно финансиските истраги да течат паралелно со криминалистичките. Најголем дел од финансиските истраги се поврзани со трговија на дрога, криумчарење мигранти, но и дејствија на тероризам и злоупотреба на службена положба, изјави Спасовски.

Тој кажа дека треба да се следи текот на парите и имотот, преку развивање на меѓуинституционален пристап и конкретни мерки за истовремено јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот. Спасовски најави дека ќе се формира заеднички меѓуагенциски тим за водење финансиски истраги под надлежност на Основното јавно обвинителство.

– Ќе направиме измени во Законот за внатрешни работи, со кој процентот од конфискуваниот имот ќе биде вратен во буџетот на МВР, а парите ќе бидат инвестирани во капацитети за оние што ги водат финансиските истраги во Министерството, заклучи Спасовски.

И републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески истакна дека стратегијата е од особена важност, не само за надлежните институции, туку и за ОЈО кое е надлежно да ги гони сторителите на кривични дела.

– Никој нема да може да ја задржи незаконски прибавената корист. Од посебно значење е функционирањето на екипирани и дигитализирани истражни центри, но и истражители кои се експерти во своите области, за што ќе соработуваме со Академијата за судии и јавни обвинители, нагласи Јовески.

Обвинителот додаде дека истражувањето на криминалот ќе биде сеопфатно и ќе се гледа со каков се имот располага осомничениот и дали евентуално се пренесува кај роднините и блиските лица.