„Граѓаните се здружуваат во Здружението, заради промоција на животот, идеологијата, РЕХАБИЛИТИРАЊЕ и осветлување на ликот и делото на Иван Михајлов како еден од најзначајните ликови во историјата на Македонија“.
Ова е содржината на членот 2 од Општите одредби од Статутот на здружението Културен центар Иван Михајлов, Битола, до кој дојде „Пресинг ТВ“.
Со други зборови, ова значи дека за првпат во историјата на Република Македонија, од нејзиното формирање како федерална единица во некогашната југословенска федерација, преку осамостојувањето и независноста на почетокот на 90-тите, па до денес, официјално, преку документ и дозвола на една државна институција се дава виза за рехабилитација на личноста, која досега се сметала за најголем крвник и негатор на Македонците и на македонскиот народ во целина.
И, се разбира, сето ова не со прикриена, туку со отворена согласност на претседателот на државата Стево Пендаровски, екс-премиерот Зоран Заев и актуелниот Димитар Ковачевски. Зашто, првите двајца беа овековечени на фотографија со бугарскиот „филантроп“ и главен спонзор на клубот, Милен Врабевски и просто незамисливо е да не биле запознати со целите на здружението!!!, анализира „Пресинг ТВ“.
Ако навистина не биле, тогаш првите луѓе на безбедносните агенции треба веднаш да бидат разрешени. А, последниот, пак, како „кафеносач на Заев“, што би рекол бугарскиот европратник Ангел Џамбаски, не презема ништо за да го спречи тоа!!!
Од оваа временска дистанца, станува јасно и зошто претседателот Пендаровски на 4 февруари годинава, правдајќи го заедничкото македонско-бугарско чествување на Гоце Делчев фактички го изедначи апостолот на македонското револуционерно дело со крвникот на Македонците, Ванчо Михајлов, не гледајќи во тоа ништо спорно! А, синоќа, пак, во вестите на телевизија Сител се обиде да „се пере“ како да не е од тука.
Треба да се преиспита и работата и името, побарав законски промени. Постојат државни институции како јавното обвинителство, да ја испитаат работата. Оваа форма на измените (измените на Законот за здруженија и фондации, кои се во собраниска процедура-н.з.) не значи ретроактивност, но тоа не значи дека не треба да се преиспита нивната досегашна работа. Самиот назив ги иритира Македонците. Зошто да дозволиме имиња, кои разгоруваат национална и верска нетрпеливост, изјави Пендаровски.
Треба ли да се потсетува по којзнае кој пат на фамозното интервју на Зоран Заев за БГНЕС и глупостите изнесени во него, но секако и на реакцијата на поранешниот премиер и претседател на државата и основач на СДСМ, Бранко Црвенковски за последиците од него?!
Актуелниот премиер Ковачевски, во неколку наврати ја повторува изјавата дека кога се согласил со францускиот предлог почувствувал дека како некој со нож да му го сечел стомакот. На ваквото евтино популистичко „продавање гурабии“, нормално, следува прашањето зарем истото чувство не го имале ни Киро Глигоров, ни Борис Трајковски, ни Никола Кљусев, ни Бранко Црвенковски, ни Љупчо Георгиевски, ни Никола Груевски? Го имале, и тоа повеќе од сигурно, но ниту еден од нив едноставно не сакал да се коцка со македонскиот идентитет, историја, јазик, култура, традиции…
И тоа го платиле со висока и животна, и политичка цена. Затоа Ковачевски ни случајно не може да биде државник. Може да биде само обичен сервилен и послушен намесник, кој по паметот на ЗЗ тргнал да го рехабилитира бугарскиот фашизам во Македонија и да го елиминира македонизмот!!!
Во изминатите 30 години од независноста на Република Македонија, восочни фигури на Иван Ванчо Михајлов, за време на влади предводени од ВМРО-ДПМНЕ, беа поставени во Музејот на револуционерната борба во Скопје и во Музејот во куќата на Андонови во Штип. Но, тоа апсолутно нема никаква врска со обид за негова рехабилитација, исто како што нема врска со обид за рехабилитација постоењето на фигурата на Адолф Хитлер во музејот Мадам Тисо во Лондон. Напротив, тоа значи дека на двата лика им се дава непобитно историско, но негативно значење.
Во последно време се проблематизира повикувањето на континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ со исторското ВМРО, чиј последен лидер бил Иван Ванчо Михајлов. И тука нема ништо спорно! Зашто, во преземањето на историскиот континуитет не може да се одбираат само позитивни личности, а негативните да се бришат како да не постоеле.
Тоа му доаѓа исто како СДСМ, кој се повикува на историскиот контонуитет на КПМ, да го прескокнува или да го отфрла периодот на Лазар Колишевски, за чие име се поврзани масовни чистки, без судење, на своите идеолошки неистомисленици.
Или, да се негира соработката на некогашниот репресивен апарат со Вида Боева, секретарката на Михајлов, и тоа со негово знаење, да се негира барањето на архивите на Михајлов, праќањето соработници за воспоставување контакти со него, да се негира средбата на делегација на комунистите со него при посетата на Скопје во 1944 година, да се негира линијата на работа на УДБ-а/УБК-Врховизам и македонски екстремизам најмалку до 2000 година… И едното и другото е едноставно невозможно.
Што, всушност, власта на СДСМ и на ДУИ, преку Иван Ванчо Михајлов ќе рехабилитира во Република Македонија? Фашизмот? Неговата политичка проституција? Негацијата на македонизмот? Не постоењето Македонци? Постоењето на Република Македонија како „Швајцарија на Балканите“? Или, како втора бугарска држава? Или, можеби припојување кон Бугарија и делумно остварување на руската идеја за велико-бугарскиот сон за Сан-стефанска Бугарија?
Па, токму заради одговорите на овие прашања Македонците еднаш веќе платија превисока цена! Само за потсетување на оние кои не знаат. Политбирото на ЦК КПЈ на 21 март 1945 година ќе одржи седница на која една од точките на дневниот ред ќе биде „изградбата на социјализмот во Македонија“. Состанокот ќе го заклучи маршалот Јосип Броз Тито истакнувајќи меѓу другото дека во Македонија се уште не е изживан ванчомихајловизмот.
-Тој живее во буржоазијата, па и во селанството. Партијата ги популаризирала. Тие треба прво да се раскринкаат на конкретни дела. Македонија треба да се задржува со сопствни сили. Треба да се риба Ченто во Партијата. Влахов треба да се повика овде. Прашањето на тие луѓе треба внимателно да се реши…Македонија се уште ништо не дала за оваа војна и ние ќе мора да пријдеме повеќе да дава за војната и обновата на земјата…, ќе рече меѓу другото Тито.
Заклучоците од состанокот ќе бидат пренесени во Македонија, со што всушност е направен преврат, односно ќе се анулираат одлуките на Првото засдание на АСНОМ, што ќе биде проследено со човечки жртви, страдања и уништени животи.
Неколку децении подоцна, во 2003 година, во интервју за тогашниот неделеник „Форум“, сега веќе покојниот академик Иван Катарџиев, меѓу другото, ќе рече:
-Точно е дека постоеше ембарго кон определени личности од нашето совремие, од првите години на повоениот период. Постоеше апсолутно ембарго кон проучување на делото на ВМРО на Тодор Александров и на Ванчо Михајлов, тоа е точно. Но, треба да се разбере дека новите власти што се инсталираа во Македонија во 44-та година немаа никаква кадровска основа, никакво искуство во историографијата за да можат да направат дистинкција за тоа што е што – на пример, дали ВМРО на Гоце Делчев е различно од она на Александров и Михајлов? Во претходна Кралска Југославија беше создадена претстава дека ВМРО е исто што и Ванчо Михајлов. Тоа сфаќање беше доминантно во владјачките кругови се до 1964 година кога се одржа едно советување во Скопје. Мито Хаџивасилев-Јасмин рече дека е крајно време да се престане со прогонувањето на младинците, кои на разни места пишуваат пароли „Да живее ВМРО“. Има и други примери. Во 44-та се говореше од тогашните моќници дека Гоце Делчев и Илинден не треба да се слават, бидејќи тој бил „Бугарин“, а Илинденското востание било „бугарско востание„“.
И сега, во 2022 година, што прави Република Македонија? Бугарската фашистичка и македонската комунистичка „култура“ или практика на злосторства да ја претвори во култура на сеќавање!!! Тотален апсурд!
Извор: Пресинг ТВ.