Започнува трката за Оскар, објавени се номинациите на американската Академија за филмски уметности и науки во 23 категории.
Биографската драма „Менк“ на режисерот Дејвид Финчер по сценарио кое го напишал неговиот татко Џек Финчер, освои 10 номинации. Инаку „Менк“ е снимен во црно бела техника, како омаж на 30-те години на минатиот век и ја раскажува приказната за сценаристот Херман Џеј Манкиевич и создавањето на сценариото за филмот „Граѓанинот Кејн“.
Ова остварување е номинирано за најдобар филм, заедно со Татко, Јуда и црниот Месија, Минари, Земја на номадите, Млада жена што ветува, Звукот на металот и Судењето на Чикаго 7.
За најдобра режија номинирани се Томас Винтерберг, Дејвид Финчер, Ли Ајсак Чанг и првпат во историјата две жени, Клои Жао за Земја на номадите и Емералд Фенел за Млада жена што ветува.
Драмата „Ма Рејни мајка на блузот“ за исклучителната блуз пејачка Ма Рејни, им донесе актерски номинации на Вајола Дејвис и постхумно на Чедвик Боузман.
За актерскиот Оскар ќе се борат и Френсис Мекдорманд, за „Земја на номади“ во режија и по сценарио на Клое Жао, интимен портрет на жена која откако ќе изгуби сè, започнува патешествие по Американскиот Запад, Ендра Деј за „САД против Били Холидеј“ во режија на Ли Даниелс, биографски филм за славната џез пејачка Били Холидеј, како и Ванеса Кирби и Кери Малиган.
Покрај Чедвик Боузман, за најдобар актер номинирани се Риз Ахмед, Сер Ентони Хопкинс, Гери Олдман, Стивен Јан.
Приказната за геноцидот во Сребреница „Кво вадис, Аида?“ на режисерката Јасмила Жбаниќ ѝ донесе номинација на БиХ за странски филм, категорија во која силен кандидат е данскиот Уште една тура на Томас Винтерберг. Номинирани се и Подобри денови од Хонг Конг, романскиот Колектив и тунискиот Човекот што си ја продаде кожата.
Академијата најавува гламурозно и возбудливо оскаровско шоу со бројни филмски ѕвезди, но без публика во салата поради пандемијата. Најпрестижните филмски награди ќе бидат доделени на 25 април.