На социјалните мрежи се појавија видео материјали од наводниот напад со дронови врз Кремљ, а официјална Москва соопшти дека Киев се обидел со беспилотни летала да ја нападне резиденцијата на Владимир Путин.
„Два дрона беа насочени кон Кремљ. Како резултат на навремените дејствија на армијата и специјалните служби кои користат радарски системи за војување, уредите се оневозможени“, се наведува во соопштението на Кремљ.
Како што се додава во соопштението Путин не е повреден, а неговиот распоред останува непроменет.
Kремљ смета дека овие акции се планиран терористички акт и обид за атентат на претседателот во пресрет на Денот на победата и парадата на 9 мај. Она што загрижува е фактот што прес-службата на Кремљ нагласува дека Русија го задржува правото да одговори на таквите постапки, „кога и како сака“.
Украина не се огласи за тврдењата на Кремљ, но видеа од наводниот напад се појавија на социјалните мрежи, особено на Твитер и Телеграм.
Видео материјалите не се независно потврдени како автентични, а се споделени и од украинскиот пратеник Олексеј Гончаренко.