Три лица биле приведени вчера откако објавиле видеа со лажни закани за можен терористички напад во еден трговски центар во Скопје.
-По објава на два видеоклипа на „Тик ток“ со, како што е подоцна утврдено, лажни закани за можен терористички напад во еден трговски центар во Скопје на 28.11.2021 во 19 часот, веднаш се преземени соодветни мерки од страна на МВР-БЈБ-Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал/Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, СВР Скопје и Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика и Агенцијата за национална безбедност, информираат од МВР.
Полицијата ги презела потребните безбедносни мерки и биле утврдени лицата – можни креатори на лажните видеа.
-Известен е јавен обвинител, по чии насоки се обезбедени наредби за претрес на дом кај Н.С. во с. Студеничани и У.И. во Скопје. При претресот на втората локација најдени се дигитални уреди преку кои се објавени лажните видеа. Приведени се Н.С., У.И., како и неговиот син А.И, велат од МВР.
Во службениот разговор, А.И. признал дека тој ги изработил и пласирал лажните видеа.
-По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното обвинителство, известуваат од МВР.