Македонски државјанин е повреден во нападот врз објект на Обединетите нации во Појасот Газа. Информацијата ја потврдија од Министерството за надворешни работи на Македонија. Повредениот е во стабилна состојба. Во моментов тој е пренесен на лекување во Израел и е надвор од животна опасност.

Нападот се случил на 19 март во градот Деир ал-Бала. Според портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дужарик, нападот го извршил израелски тенк. При овој напад животот го загуби еден државјанин на Бугарија. Повредени се уште шест други лица од Македонија, Обединетото Кралство, Палестина, Франција и Молдавија.

Поради настанот, ОН одлучија да повлечат околу една третина од меѓународниот персонал кој во моментот престојува во Појасот Газа.

Израелските власти ги демантираат обвинувањата дека нивната војска намерно го погодила објектот на ОН. Тие сепак признаваат дека тенк на нивната армија истрелал граната. Според нив, гранатата погрешно го погодила објектот. Израел тврди дека целта не бил објектот на ОН, туку објект на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Од ОН пак, инсистираат на јасна и независна истрага. Тие сметаат дека израелската армија имала точни податоци за локациите на нивните објекти.

Палестинските власти наведуваат дека покрај загинатиот бугарски државјанин, во овој напад животот го загубиле и десетина цивили.

Македонското МНР потенцираше дека се грижи за безбедноста на сите свои државјани во регионот. Преку Амбасадата на Македонија во Тел Авив, МНР останува во постојан контакт со повредениот македонски државјанин.

Овој напад се случува во период на нови судири меѓу Израел и Хамас. Конфликтот повторно ескалираше и покрај договорот за примирје што беше постигнат со посредство на американските власти. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за непочитување на договорот. Со тој договор беше предвидено и постепено ослободување на заложниците кои Хамас ги држи од нападите на 7 октомври 2023 година.