На повеќе места се очекуваат пообилни врнежи и услови за град

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер во повеќе делови од државата.

Според најавите, локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме, проследено со пообилен дожд над 20 литри на метар квадратен, силен ветер со брзина над 70 километри на час и услови за појава на град.

Утринските температури ќе се движат од 6 до 13 степени, додека дневната температура ќе достигне меѓу 17 и 23 степени.

Во Скопје се очекува променливо облачно и нестабилно време со дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10 степени, а максималната ќе достигне до 21 степен.

Во недела засилен северен ветер

Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално повторно ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

За утре метеоролозите најавуваат поинтензивни процеси и можност за невреме со обилни врнежи, силен ветер и услови за град.

Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.