Ново законско решение за образовни асистенти во училиштата

Во новата учебна година, образовни асистенти во училиштата ќе бидат ангажирани не само во основните, туку и во средните училишта ширум државата. Ова е овозможено преку ново законско решение предложено од актуелната Влада и усвоено од пратениците во Собранието. Мерката се оценува како значаен чекор за унапредување на инклузивноста во националниот образовен систем.

МОН информира дека ова проширување значи институционална поддршка за учениците со попреченост но и полесно вклучување во наставниот процес. Претходно, ваквиот тип на стручна поддршка беше достапен исклучиво во основното образование.

Министерството реагираше на обвинувањата од СДСМ дека се отпуштаат образовни асистенти но и дека процесот за нивно вработување е партизиран. Според МОН, сите тврдења се неточни и штетни.

„Процесот на ангажирање не го врши министерството. Тоа е транспарентен процес што го спроведуваат раководствата на училиштата со ресурсни центри. Дел од тие центри беа поставени токму во време на владеење на СДСМ, која сега ги доведува во прашање нивната стручност. Ние им веруваме на нивната професионалност и посветеност“, наведуваат од МОН.

Се појаснува дека ангажманот на образовни асистенти е секогаш на определено време, бидејќи бројот на потребни кадри зависи од пријавите на родители и старатели. Секој асистент мора да аплицира повторно секоја година на јавен повик.

Навремен почеток и континуирана поддршка за учениците

Министерството нагласи дека годинава, за прв пат, огласите за ангажирање образовни асистенти беа објавени уште во јуни. Целта беше да се заврши изборот пред почетокот на учебната година и кадарот веднаш да започне со работа.

„Го разбираме чувството на сигурност што го имаат родителите кога нивното дете има асистент кој секојдневно му е посветен. Затоа и инициравме законски измени што ќе овозможат истиот асистент да продолжи со истото дете, доколку се исполнети условите“, објаснија од Министерството.

На јавните огласи се пријавуваат голем број кандидати, но се селектираат само оние што ги исполнуваат критериумите и се најдобро рангирани од комисиите во училиштата. Во најголем дел, се ангажираат лица што веќе имаат искуство со ваква работа, со оглед на кадровскиот дефицит во оваа специфична област.

МОН оцени дека тврдењата на СДСМ се обид за манипулација со јавноста по неуспешната реторика за наводен недостиг на учебници. Министерството ги нарече ваквите обвинувања конструкција чија цел е нарушување на довербата кон институциите.

„СДСМ со вакви неосновани обвинувања и лиферување лажни вести за да ја поткопа довербата на јавноста кон институциите, всушност го губи сопствениот кредибилитет меѓу народот. Би било добро да слушнеме некоја конструктивна идеја во следниот период и да видиме прогрес во редовите, наместо да гледаме лет во место“, се наведува во реакцијата на Министерството за образование и наука.