Во 13 градови почна обука на кандидатите за пожарникари, дел ќе гаснат пожари со помал ризик уште следната недела

Обука на кандидатите за пожарникари, пријавени на јавниот повик на Владата за противпожарна поддршка, стартуваше во 13 града ширум Македонија. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, најави дека веќе наредната недела дел од овие кандидати ќе бидат вклучени во гаснење пожари со низок ризик.

„Обуката ја започнаа вкупно 364 кандидати во 13 градови. Со тоа се отвора можност за пополнување на испразнетите места во 28 општини“, информираше Ангелов.

Во Скопје, обуката ја започнале 34 лица од вкупно 50 пријавени. Според Ангелов, останатите кандидати отпаднале при административната селекција поради нецелосна или неисправна документација.

„Во првата фаза, во административната селекција, дел од кандидатите отпаднаа поради неуредна, нецелосна или неправилна документација. Обуката ќе ја започнат 364 лица, од нив 34 во Скопје. Во Скопје имавме 50-тина пријавени. На административната селекција отпаднаа неколку, останаа 41, но на повикот за обука се појавија само 34 кандидати. Она што можам да кажам како прва импресија е дека има одлични кандидати и успешно ќе ја завршат оваа обука и ќе бидат добар потенцијал за пополнување на испразнетите редови во македонските Противпожарни единици“, изјави Ангелов.

По завршувањето на дводневната обука, сите кандидати ќе бидат распределени во територијалните противпожарни единици. Исклучок ќе бидат кандидатите од Скопје, кои ќе се приклучат на тимовите на самата Дирекција.

„По завршувањето на дводневната обука тие ќе бидат распоредени по територијалните противпожарни единици, додека кандидатите од Скопје ќе бидат распоредени во Дирекцијата за заштита и спасување. Лицата кои што ќе бидат во ДЗС ќе продолжат со континуирана обука, а при појавата на некои пожари онаму каде што нема ризик ќе бидат искористени постепено да се усовршуваат во нивните вештини“, додаде Ангелов.

Претседателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, Зоран Кочоски, посочи дека утре ќе се реализира практична обука и физичка проверка.

„Во текот на утрешниот ден, споменавме дека ќе имаме проверка на физичката спремност на сите пријавени кандидати, ќе ги запознаеме со техниките на гасење на пожар, техниките на користење на опрема за гасење на пожар и се разбира првата помош која ќе биде изведена во соработка со Црвениот Крст на Македонија“, изјави Кочоски.