Иновациите претставуваат процеси и не ни се потребни само повеќе иновации, туку треба да научиме како истите да ги менаџираме и управуваме. Тоа беше наведено како главна цел на тренингот и обуката одржани на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Настанот го водеше професорот Џон Бесант, кој важи за еден од водечките светски експерти во областа на иновациите, претприемништвото и управувањето со иновациските процеси. Бесант е почесен професор на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија, и коавтор на книгите „Managing innovation“ и „Innovation and entrepreneurship“, кои спаѓаат меѓу највлијателните академски и стручни изданија во оваа сфера.

Предавањето на Бесант беше целосно отворено за алумни-заедницата на факултетот, претставниците на бизнис-секторот, студентите, истражувачите, како и за сите субјекти заинтересирани за современите текови во иновациите и претприемништвото. Со четири децении долго академско и практично искуство, неговиот престој овозможи увид во современите пристапи за развој на иновациите, како и во нивната директна улога за јакнење на конкурентноста на организациите.

Бесант во своето обраќање пред присутните ја истакна клучната порака наменета за младите генерации.

Професор Џон Бесант предавање

„Иновациите се многу значајни за денешното општествено и економско живеење, посебно за младите. Во време кога живееме со високо, динамично и турбулентно опкружување, две работи треба да се дискутираат. Едната е да се разберат промените, односно да се разберат како настануваат и како се менаџираат промените. Втората работа е да се размислува во насока на одговорна иновација, односно во делот на одржливост и општествена одговорност. Каква е нашата улога во делот на општеството и во делот на иновациите“, изјави Бесант.

Настанот беше организиран во рамките на европскиот проект USE IPM – „Надградување на вештините на истражувачите за одржливо претприемништво засновано на менаџмент на иновацискиот процес“, финансиран од Европската Унија преку програмата Horizon Europe – WIDERA, каде Економскиот факултет – Скопје е официјален партнер.

Основната цел на овој проект е јакнење на истражувачките, иновациските и претприемачките капацитети, поттикнување на одржливо претприемништво и градење цврсти врски меѓу научната заедница, бизнис-секторот и младите во регионот на Западен Балкан.

На официјалниот почеток на програмата му претходеше повеќемесечна темелна подготовка во која учествуваа универзитетски професори, истражувачи и членови на академскиот кадар од факултетот. Преку директна меѓународна размена на знаења, научни истражувања и детекција на реалните потреби на бизнисот, тие ја адаптираа содржината кон македонскиот економски систем.

Предавање на Економскиот факултет Скопје

Со ова предавање беше означен почетокот на петмесечна програма за обуки во областа на управувањето со иновациските процеси, која обединува над 25 деловни компании, 60 вработени и повеќе од 80 студенти. Преку менторски сесии и практична работа, студентите и компаниите заеднички ќе креираат применливи иновативни решенија.

Програмата нуди модел за поврзување на факултетите, бизнис-заедницата и младите генерации, овозможувајќи им на студентите совладување вештини преку решавање на конкретни деловни задачи на современиот пазар на труд.

„Денес никогаш не сме зборувале повеќе за иновации, никогаш не сме имале повеќе знаење, технологии и можности, а сепак претворањето на идеите во вистински промени останува голем предизвик. Универзитетите се полни со знаење, компаниите со предизвици, а младите со идеи. Но, колку често овие три света навистина се среќаваат? Токму затоа веруваме дека вистинската вредност на знаењето не е само во она што го знаеме, туку во она што сме способни да го промениме со него“, истакна Александра Јанеска – Илиев од Економскиот факултет – Скопје.

Оваа иницијатива претставува дел од стратешките цели на Економскиот факултет во Скопје за напредок во наставата, интернационализација и исполнување на строгите меѓународни AACSB стандарди за квалитет во високото образование.

Преку проектот USE IPM се создава отворен модел на иновациски екосистем кој ги здружува научните истражувачи, студентите и приватните компании за развој на значајни општествени вредности.