На Спортскиот аеродром Стенковец денеска ќе се одржи обука за пинг-понг за луѓе со попреченост, во организација на Здружението на лицата со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“ и Аероклубот Скопје.

Настанот не е ограничен само за лица со попреченост, бидејќи целта и мотивот на организаторот е вклучување на сите што се заинтересирани за овие спортски активности.

– Во пинг-понгот за луѓе со попреченост важат спортските правила со тоа што спортистите без попреченост ја симулираат попреченоста на противникот. На пример, доколку едниот е во количка, другиот игра седејќи на стол. Овој вид вежбање ги подобрува когнитивните вештини и менталната сила и е многу корисен и забавен за деца/луѓе со интелектуална или физичка попреченост, соопшти организаторот.

Настанот ќе опфати основи на играње тенис на маса (пинг-понг), вежби во групи и мал турнир. Обуката е од отворен тип е и не е потребна претходна најава за присуство.