Полицајци, наставничка и пожарникар со кривични пријави за примање поткуп
Двајца полицајци, една наставничка во средно училиште и еден пожарникар добија кривични пријави затоа што за пари овозможувале граѓаните побрзо да извадат лична карта, пасош и возачка дозвола. Тие ќе се гонат за злоупотреба на службена положба, примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Полицаецот М.С. е осомничен за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „примање поткуп“. Полицаецот П.П., од Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, е осомничен за „примање награда за противзаконито влијание“ и „примање поткуп“.
Наставничката В.Р. од скопско средно училиште и пожарникарот А.С., вработен во Град Скопје, се осомничени за „примање награда за противзаконито влијание“.
Според МВР, пријавените од февруари до април 2024 година воспоставиле заедничка шема. Трето и четврто пријавените ги идентификувале граѓаните кои имале потреба од лични документи и ги доставувале нивните податоци на П.П., кој потоа ги упатувал кај М.С.
М.С., како службено лице, ги фотографирал и примал барањата за издавање документи. Сите дејствија биле извршувани по претходен договор за паричен надомест со точно утврдена цена, време и распределба на улогите.
Според МВР, ова создало паралелен неформален процес, со кој за пари граѓаните добивале побрз пристап до јавни услуги, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап и со намера за противправна имотна корист.
