109 страници приговори и без призната одговорност

Ниту еден од обвинетите за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, каде што животот го загубија 64 лица, а повеќе од 200 беа повредени, не прифаќа вина за трагедијата, покажуваат нивните приговори на обвинението, објавени во судската „Оценка на обвинението“, делови од која пренесува порталот „Призма“. Документот има вкупно 117 страници, од кои 109 се посветени на приговорите на обвинетите и нивните адвокати. Во оваа фаза од постапката, ниту еден од нив не признал вина. Обвинетите сметаат дека не може за пожарот од 2025 година да одговара некој што бил на функција десет години порано.

Над 30 адвокати ги застапуваат обвинетите

Повеќе од триесет адвокати, главно локални бранители од Кочани, ги застапуваат обвинетите во предметот. Според нивните приговори, обврската за постапување се префрла меѓу обвинетите или кон лица кои веќе не се живи. Освен тоа се префрла и на институции кои, според нив, не биле надлежни или не поднеле пријави.

Сопственикот на „Пулс“ ја обвинува државата и бендот ДНК

Првообвинетиот сопственик на дискотеката, Дејан Јованов, кој го чека судењето во кумановскиот затвор, тврди дека институциите не ја извршиле својата работа и не го регулирале објектот. Дел од вината, според неговиот приговор, ја префрла и на бендот ДНК, бидејќи не го известиле дека ќе користат пиротехника. Неговиот син, Михаил Јованов, пак, одговорноста ја пренесува на други лица, меѓу кои и на покојниот Александар Карадакоски, кој бил заведeн како управител на дискотеката. За потсетување, со обвинителниот акт се опфатени 34 лица и три фирми, при што се приложени повеќе од 1.440 докази и предложени 283 сведоци за сослушување.