Сообраќајка кај Тетово меѓу автомобил и автобус – обвинител нареди обдукција

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово изврши увид на лице место по тешката сообраќајка кај Тетово. Несреќата се случи попладнево на автопатот кон Скопје, во близина на излезот од градот.

Во судирот меѓу патнички автомобил и автобус загинаа три лица, а едно дете е повредено. Две од жртвите, маж и жена, починале на самото место. Третата, жена, починала во тетовската болница. Повреденото дете е хоспитализирано и му се укажува лекарска помош.

Според првичните сознанија, автомобилот излетал од патот по контакт со автобусот. Во возилото се наоѓале тројцата починати и детето кое преживеа.

Се преземаат сите дејствија за целосно расветлување на причините и околностите.

Обвинителот издаде наредба за обдукција на починатите.

За возачот на автобусот е наредено тестирање за присуство на алкохол или психоактивни супстанции.

И двете возила се одземени за технички преглед, со цел утврдување на нивната состојба во моментот на сударот.

По завршувањето на увидот, Обвинителството ќе излезе со дополнителни информации.