Обвинителката Ристоска тврди дека соопштението на ВМРО-ДПМНЕ претставува обид за политички притисок и нарушување на нејзината независност

Обвинителката Ленче Ристоска денеска реагираше на соопштението објавено од ВМРО-ДПМНЕ на 14 октомври 2025 година, кое според неа претставува обид за притисок и заплашување.

„Јас како обвинител постапувам по два предмети со кои е засегната политичката партија ВМРО ДПМНЕ – еден каде политичката партија е обвинета за кривично дело перење пари и друг каде има својство на лице врз кое е пренесена имотна корист за која има обвинение дека е прибавена со кривично дело. Моментално и двете постапки се во фаза на судење, а со судска одлука замрзнати се партиското седиште и други 68 недвижности кои се опфатени со постапките.“, напиша Ристоска.

Ристоска нагласи дека соопштението содржи невистинити и навредливи тврдења, меѓу кои дека нејзиното професионално делување било инструирано од политички чинители и криминални структури, дека самата си исплаќала бонуси и користела службени картички, како и дека „го симболизирам моралниот пад на обвинителството“.

„Сакам да укажам дека како обвинител јас имам не само право туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет“, додаде таа.

Ристоска побара од партијата јавно извинување во рок од седум дена, истовремено предупредувајќи дека во спротивно ќе поведe постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда.

„Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела“, заклучи таа.