Итна истрага во Вруток

Полицијата, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, вчера околу 18:20 часот презеде итни мерки и активности во село Вруток поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар. Случајот се истражува поради сомневање за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик.

Вчера околу 18:20 часот, инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, постапувајќи по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, презедоа итни мерки и активности на терен во село Вруток, поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар.

Што е предмет на сомневање?

Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик.

Во истрагата се вклучени повеќе институции

Во расчистувањето на овој случај, покрај полицијата и обвинителството, веднаш се вклучија и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.

Исправноста на водата за пиење во градскиот водовод во Гостивар се проверува со вонредни контроли за да утврди дали има поврзаност со зголемениот број на пациенти со дигестивни проблеми. Во меѓувреме, од ОЈО на новинарско прашање одговорија дека за незаконска интервенција во водоводната мрежа, по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија по поднесена пријава во однос на квалитетот на водата за пиење.

Вонредни анализи на водата

По појавата на зголемен број на граѓани кои изминативе десетина денови се жалеа стомачни тегоби, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се спроведат вонредни контроли на водата за пиење која се дистрибуира во градскиот водовод. Од одделението за хигиена и здравствена екологија при центарот за Јавно здравје, ПЕ Гостивар, потврдија дека вчера е спроведена вонредна контрола и дека се земени примероци од четири мерни места.

-„Што се однесува до водата и поради ситуацијата, направивме, покрај редовните и вонредни анализи. Последните резултати од анализите што ги направивме од понеделникот беа добри, односно физичко-хемиски и микробиолошки беа во ред. Вчера зедовме уште некои вонредни анализи, меѓутоа за нивните резултати треба да почекаме до утре или евентуално до понеделник. Така што, во моментов не можеме ништо конкретно да кажеме за нив, изјави за МИА, д-р Берун Мустафа, специјалист по хигиена од Центар за јавно здравје Гостивар.

Што покажуваат прегледите?

Од општата болница „Ферид Мурад“ потврдија дека во инфективното и детското одделение има зголемен број на прегледи и граѓани кои се жалат на дијареја, болки во стомакот, повраќање и покачена температура. Според првичните наоди и клиничка слика најверојатно се работи за сезонски вирози и дека нема епидемиолошка поврзаност.

Лекарите препорачуваат да се води повеќе сметка за хигиената и навиките, особено во летниот период кога температурите се високи, а ризикот од стомачни инфекции значително е зголемен.

– „Луѓето сепак треба да бидат претпазливи поради зголемениот број на цревни заболувања, како со водата, така и со храната. Пред сè, не треба да консумираат храна што може да предизвика вакви заболувања, како што е термички неподготвената храна. Храната и намирниците треба да бидат свежи. Исто така, овошјето и зеленчукот треба добро да се измијат пред употреба. И се разбира, водата да се користи од места каде што сметаат дека е сигурна, препорачува д-р Мустафа.

Што покажуваат претходните анализи?

Последните три анализи на водата од гостиварскиот водовод, направени изминатиов месец во одделението за хигиена и здравствена екологија на Центарот за јавно здравје покажуваат дека таа била здрава и безбедна за употреба.