Осомничениот, кој примил награда за противзаконито влијание од 10.000 евра, е уапсен по пријава и му е предложен притвор од Основното јавно обвинителство
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка. Постапката е поведена против едно лице осомничено за кривично дело – примање награда за противзаконито влијание.
Како што денеска информира Јавното обвинителство, од април до август годинава осомничениот примил 10.000 евра. Парите ги добил за со искористување на своето претпоставено влијание. Односно да интервенира за извршување службено дејствие кое не смеело да се изврши. Се работи за наводно влијание врз одлуки во граѓански судски постапки пред Основниот граѓански суд Скопје и пред Апелациониот суд Скопје.
„Сведок-пријавител кој во граѓанската постапка е управител на правно лице почнал да добива информации. Информациите биле дека спротивната страна во судскиот спор врши сериозно влијание врз судиите. Според сознанијата, судиите кои одлучувале во првостепени и второстепени постапки земале поткупи за да донесат одлуки во корист на таа страна. Сакајќи да ги провери ваквите информации, пријавителот од свој познаник-пензиониран судија добил контакт од осомничениот. Тој му бил претставен како лице кое ги познава состојбите во судовите и е близок со судии од Апелациониот суд Скопје,“ стои во соопштението.
Сведокот и неговиот брат, како што велат од Обвинителството, се сретнале со осомничениот. На средбата осомничениот директно побарал 16.000 евра за да се заврши спорот во корист на семејната фирма на сведокот.
„Осомничениот ги уверувал дека другата страна давала многу повисоки износи. Но судиите, според неговите зборови, не сакале да се нафатат да пресудат нешто што не било правно основано. Бидејќи сведокот му кажал дека не може да обезбеди толку пари одеднаш, тие се договориле за исплата во три рати. На 30 април, чувствувајќи дека нема друг избор, сведокот му предал на осомничениот 5000 евра. По ова осомничениот го уверувал да не се грижи за исходот. Целиот период останале во комуникација во врска со постапката. Во меѓувреме сведокот решил да ја пријави трговијата со влијание. При следната исплата на 5000 евра, осомничениот беше лишен од слобода веднаш по приемот на парите,“ се наведува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за мерка притвор. Обвинителот оценил дека се исполнети сите законски основи за определување на оваа мерка.