Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и екипи на МВР ноќеска вршеа увид на тешко пристапна шумска локација во близина на селото Летевци, каде беше пронајдено безживотно тело на жена од Таор, информираат од Обвинителството.
Жената била пријавена за исчезната во петокот, по што беа преземени дејствија за нејзино пронаоѓање.
-Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, при што потврдено е дека смртта е насилна. Под сомненија за сторено кривично дело лишен од слобода е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели, велат од ОЈО Скопје.
Претходно МВР излезе со соопштение.
– На 26 јуни 2026, С.Г. пријавил во полициска станица дека од домот се оддалечила Ж.Г., со која живееле во иста куќа, а следниот ден пријавил дека ја пронашол почината Ж.Г. во близина на село Летевци, скопско. На местото излегле полициски службеници и јавен обвинител, по што телото, кое било во фаза на распаѓање, по наредба на јавен обвинител е предадено на судска медицина за обдукција. Со С.Г. е извршен службен разговор и тој е лишен од слобода, а во врска со случајот лишени се од слобода и З.М.(62), Г.Б.(64) и М.Д.(69) – информираа од МВР.
Оттаму додаваат дека во координација со јавен обвинител, се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
