Досега објавените информации за можни злоупотреби во постапката за избор на надзорните фирми за мониторинг на изградбата на коридорите 8 и 10-Д, не успеаја да го убедат Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да отвори предмет. Оттаму за АЛСАТ, велат дека за да се постапи „по допрен глас“, доказите морало да бидат „евидентни“.

„Потенцираме дека обвинителството е надлежен орган за гонење на сторителите на кривични дела, а за нивно откривање надлежни се други институции. Во таа насока сакаме да нагласиме дека инструментот ‘ по допрен глас’ од јавен карактер, како еден од трите инструменти врз основа на кои обвинителството може да отвори постапка, се користи во конкретни случаи, односно кога доказот за постоење на криминал е евидентен и нема претходна реакција од страна на институциите чија надлежност е откривање на кривични дела“, велат од Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Доколку медиумите ги засукаат ракавите и во наредните денови ја продлабочат истрагата, обвинителството не ја исклучува можноста да почне предистражна постапка за да види дали воопшто има елементи за сторено кривично дело.

АЛСАТ праша во Обвинителството дали основа за истрага е фактот што работата ќе ја надгледува компанијата „Евро Консалтинг“ на основачот Бранислав Димитријевиќ, кој е обвинет за измама во Ерменија и уапсен во Хрватска во 2021 година, врз основа на меѓународна потерница за апсење издадена од Интерпол?

Прашавме и дали обвинителството, на чие чело со Ислам Абази, гледа нешто сомнително во тоа што другата компанија која ќе ја надгледува изградбата на овој коридор, во 2020 година, од страна на Владата била прогласена како компанија која работи незаконски и дали начинот на кој потоа била укината оваа одлука треба да се истражи?

Во продолжение прашавме дали обвинителството за организиран криминал ќе испита дали фирмата „Електра солушнс“, која е во сопственост на Андон Ампов, ја добила лиценцата за надзор 12 дена по отворањето на тендерот за тоа и дали ова е причината зошто Владата го продолжи рокот за аплицирање за уште 8 дена?

На крајот го прашавме обвинителството на чело со Абази, дали врз основа на одредбите од Законот за јавни набавки ќе ја испитаат интервенцијата на Владата да им овозможи и на фирми со негативно салдо да учествуваат на тендерот за надзор?

Потсетуваме дека ден претходно глобалниот антикорупциски координатор ангажиран од американскиот Стејт департментот, Ричард Нефју, изјави дека треба да се истражи секоја индикација за корупција во изградба на коридорите.