Jaвното обвинителство инсистира сите политички партии да запрат да ја злоупотребуваат во политички цели истражната постапка во предметот „Феникс“, како и кое било друго постапување на Обвинителството.
„Ги потсетуваме сите политички фактори на пораката што во овој контекст пред само неколку дена ја упати американскиот Стејт департмент – „лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во Владата“. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и јавниот обвинител, кој постапува во предметот, преземаат дејства за обезбедување докази целосно водејќи се од начелата на правичност и заштитата на пресумцијата на невиност. Во однос на јавните коментари и шпекулациите во кои фокусот се става на временската рамка за преземање на дејствијата во овој предмет, сметаме дека е неопходно да се истакнат одредени датуми што го следат постапувањето во предметот, со што јавноста ќе може да оцени дека предметот ‘Феникс’ е воден во согласност со законот и соодветно на доказите“, велат од Обвинителство.
Тие додаваат: „Имено, доказот што беше неопходен во оваа кривична постапка – материјално-финансиското вештачење, што по наредба на предметниот обвинител го изготви судски вештак, е примено на 1.6.2023 година. До јавниот обвинител документот е доставен на 5.6.2023 година. По негово проучување, во корелација со претходно обезбедените докази, на 12.6.2023 година јавниот обвинител до МВР веќе достави наредба со насоки за подготовка на сите потребни мерки за реализација на кривичниот предмет.
На 29.6.2023 година, околу 11 часот, јавниот обвинител телефонски беше известен дека едно од осомничените лица е запрено на граничен премин во обид да ја напушти државата. Поради тоа, неопходно беше итно да почнат процесни дејства соодветни на обидот за напуштање на државата, факт што беше образложен од предметниот јавен обвинител и на одржаната прес-конференција. Според тоа, јавниот обвинител очигледно не можел да знае кога некое од осомничените лица ќе биде запрено при обид да ја напушти државата со што ќе иницира неопходност за брзо дејствување. Воедно, Јавното обвинителство ги осудува сите обиди за јавна лична дискредитација на обвинителот, кој максимално посветено и професионално постапува во предметот“.