Обвинителството реши да не ги гони поранешните директори на Фондот за здравство за девојчето Тамара Димовска од Велес, објави Телма. Обвинението против директорите од тоа време Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази денеска е повлечено, како и тоа против претседателката на Управниот одбор на фондот во тоа време, Елена Трпковска.
За другите 9 доктори што биле дел од комисии во Фондот кои одлучувале за лекување во странство наместо за несовесно работење во службата, Обвинителството решило да ги гони за дело од член 86 б став 2 во врска со став 1, од Законот за здравствено осигурување. Со ова преиначување, делото застарува и Кривичниот суд има само една опција – да го затвори предметот, пишува Телма.
Осумгодишната Тамара почина во 2015 година додека за неа се водеше процедура да и биде одобрена операција во странство. Операцијата не можеше да се изведе во Македонија и затоа се водеше постапка девојчето да се лекува во некоја странска болница на држвна сметка.
Кривичната пријава по смртта на Тамара ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човекови права со мајката на Тамара, Жаклина Димовска, а со неа опфатен беше и тогашниот министер за здравство Никола Тодоров.