Скопското обвинителство истражува како се случи вчерашната сообраќајна несреќа на мостот Гоце Делчев, во близина на Владата, во која смртно беше прегазен 76 годишен маж.
За тоа дали 42 годишната жена која била зад воланот возела над дозволеното и дали била под дејство на алкохол или дрога ќе се знае откако ќе бидат готови анализите, како и тоа дали загинатиот поминал на пешачки премин, велат од обвиниелството, кое по утврдување на околностите ќе одлучи и како ќе постапи во однос на жената што возела, која е пуштена од полициска станица.
За сообраќајката меѓу две возила, која исто така се случи вчера по полноќ во Ново Лисиче во која загина 48 годишен маж, а тешко е повредена неговата 15 годишна ќерка, на 21 годишниот скопјанец кој бил во другиот автомобил Кривичниот суд му определи 30 дневен притвор. Тој според обвинителството возел над 50 километри на час и со 0,57 промили алкохол во крвта и поминал на црвено.
„Кога се приближил до крстосницата со сервисна улица која води кон трговскиот центар „Лиса“, тој навлегол во крстосницата на вклучено црвено светло кое означувало забрана за минување во неговиот правец на движење. Со предниот дел на возилото осомничениот удрил во страничниот лев дел на автомобил „Фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, кој се движел од сервисната улица кон булеварот. “ – велат од обвинителството.
За него обвинителстото отвори истрага и го товари за „тешки дела против безбедноста и имотот во сообраќајот“. За истото ова дело се товари и 22 годишниот возач кој пред една недела на пешачки премин кај „Сити мол“ смртно ја прегази 24 годишната Викторија Николова од Радовиш. Тој издржува 30 дневен притвор во затворот во Шуто Оризари.