Обвинителството на Босна и Херцеговина формира неколку случаи против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за негирање на геноцидот во Сребреница.

Обвинителството на БиХ работи на неколку случаи во кои е вмешан Милорад Додик, во својство на пријавено или осомничено лице. Обвинителите ги проверуваат наводите од пријавите, по што ќе бидат донесени одлуки за иницирање или не на истрагата, соопшти Обвинителството на БиХ за регионалната телевизија Н1.

Додик постојано го негира геноцидот и Сребреница, а последен пат тоа го стори пред два дена во интервју за белградска „Политика“.

Во јули 2021 година, поранешниот висок претставник во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, воведе измени во Кривичниот законик на БиХ, според кој е забрането негирање на геноцид и величање на воените злосторства во БиХ. За тоа кривично дело е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години.  (МИА)