Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го затвори предметот за јавни набавки за градењето на 19 модуларни болници во државата, беше соопштено на денешниот брифинг во Обвинителството.
Предметната обвинителка Верица Бержецка Крстева рече дека по анализата на обемна и сложена документација не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања при јавните набавки. Предметот прво бил кај обвинителката Вилма Русковска, потоа кај Елизабета Јосифовска.
Предметот беше отворен на 10 септември 2021 година по допрен глас по пожарот во модуларната болница во Тетово. Во пожарот што се случи на 8 септември 2021 година, загинаа 14 луѓе, а десетина беа повредени.
