Ново рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Денеска Обвинителството презентираше видео-снимки од безбедносните камери на „Сејф сити“. На нив се гледа како Љупчо Палевски го управува возилото „Рено Кангу“ на денот на киднапирањето на Вања.
Обвинителството со видео-докази, одбраната бара ДНК анализа
Обвинителката објасни дека „Цитроенот“, со кој била грабната Вања во Дебар Маало, пристигнал во 6:37 часот на 27 ноември 2023 година. Самото киднапирање се случило во 7:29 часот. Потоа, според обвинителството, заедно со „Рено Кангу“, возилата се движеле низ Визбегово кон селото Бразда. „Цитроенот“ бил запален околу 9:30 часот. По тоа, „Рено Кангу“ се вратило низ Чаир и во 10:00 часот било паркирано пред седиштето на партијата Десна.
Обвинителството тврди дека видеата покажуваат дека возилото го управувал Љупчо Палевски. На совозачкото седиште бил Велибор Манев. Одбраната на Палевски, приговараше дека на снимките не може да се идентификува лицето кое управува со возилото и побара ДНК анализа.
Палевски: „Со вакво субјективно презентирање докази негираме наука“
Обвинетиот Љупчо Палевски реагираше дека презентираните снимки не се совпаѓаат со времето наведено во обвинението. Тој истакна дека се тврдело дека Вања била убиена околу 9:30 часот, но дека движењата на возилата на видеата покажуваат различно време.
„Дали времето се враќа во Обвинителството, не знам, но овие докази беа таму кога се составуваше обвинението“, изјави Палевски. Тој додаде дека научните методи, како ДНК анализата, треба да бидат клучен доказ.
Видео-снимки и материјални докази за убиството на Панче Жежовски
Во судница беа презентирани и видео-снимки од 22 ноември 2023 година – денот на убиството на Панче Жежовски. На нив се гледа „Рено Кангу“, а по 40 секунди и „Цитроенот“. Дополнително, обвинителството приложи и фотографии од местото каде што бил пронајдено телото на Жежовски, како и снимки од чаурата најдена на локацијата.
Протест пред судот – обвинувања за монтиран процес
Пред почетокот на рочиштето, неколку членови на партијата Десна протестираа пред судот со транспаренти. На нив пишуваше „ОЈО произведува монструми, не ПП Десна“.
Обвинетите негираат вина
На првото рочиште, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски изјавија дека не се чувствуваат виновни. Според обвинението, тие заедно го испланирале киднапирањето на Вања со цел да изнудат откуп од член на нејзиното семејство. Панче Жежовски, пак, бил киднапиран во Велес за да биде присилен да го отстапи своето возило „Цитроен“, кое потоа било користено во грабнувањето на девојчето.
Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември во близина на Скопје и Велес.
Следното рочиште е закажано за 7 февруари, кога како сведок треба да биде сослушан Гоце Трајковски, кој се наоѓа во притвор во Затвор Скопје.