Опозицијата крена прашина околу веродостојноста на сертификатот за познавање на англиски јазик кај новоизбраниот директор на АНБ, Војан Христовски, но сега на мета се најде и Сања Лукаревска, заменик-претседателката на опозициската партија СДСМ, која ја извршуваше функцијата директор на Управата за јавни приходи (УЈП) во периодот од 2017 до 2024 година.

Опозициската СДСМ го обвинува новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, дека доставил наводно лажен сертификат за англиски јазик, добиен во едукативен центар во Пловдив, Бугарија, под името „Јулија КО ЛТД“. Според СДСМ, овој документ не исполнува меѓународно признати стандарди, потребни за ваква висока позиција. Обвинителството најави дека ќе ги истражи сите законски услови поврзани со назначувањето на Христовски.

Сања Лукаревска и нејзиниот сертификат

Паралелно со обвинувањата за Христовски, во фокусот на јавноста се најде и Сања Лукаревска, заменик-претседателка на СДСМ и поранешна директорка на Управата за јавни приходи (УЈП). Според објавите на Радио Лидер, Лукаревска од 2017 до 2024 година работела со сертификат за англиски јазик добиен од едукативен центар во Софија, Бугарија.  Радио Лидер наведува дека овој сертификат е издаден од центарот за јазици „Advance“ на 31.01.2018 година и дека не кореспондира со изгледот на сертификатот на Cambridge English издаден во Скопје.

Сертификат- Сања- Лукаревска
Десно, сертификатот доставен од Сања Лукаревска, а лево како тој би требало да изгледа доколку би оргинален

Бројот на сертификатот и нејзиниот личен број се додадени рачно со пенкало на документот.

Брзата проверка на документот буди сомнеж дека можеби станува збор за обид да се претстави како сертификат од Кембриџ. На самиот документ од бугарскиот едукативен центар, сепак, само се потврдува дека Лукаревска учествувала на тестирање, но не и дека го стекнала овој сертификат.

Проверка на веб-страницата на овој образовен центар во Бугарија открива дека тој нуди обуки за овој сертификат, како онлајн така и во живо, но не спроведува тестирање за истиот. Истовремено, проверката на официјалната страница на Cambridge English First покажува дека во Софија постојат шест сертифицирани тест-центри, но центарот од каде што Сања Лукаревска го добила својот сертификат не се наоѓа на таа листа.

Контакт со Лукаревска и нејзината реакција

Вчера Радио Лидер оствари контакт со заменичката на Венко Филипче, испраќајќи ѝ СМС порака со прашање дали и таа поседува сертификат од Бугарија, издаден од компанијата Јулија КО ЛТД, и дали тој сертификат е легитимен. Лукаревска кусо одговори:

– Мојот сертификат не е издаден од Јулија КО ЛТД. Мојот сертификат е валиден. – одговори Лукаревска.

Лукаревска ги демантираше обвинувањата, истакнувајќи дека сертификатот кој го поседува е валиден и дека не е издаден од „Јулија КО ЛТД“, центарот кој е поврзан со Христовски. Во својата одбрана, таа изјави дека документот е легитимен и ги задоволува потребните критериуми.

Сепак, откако ѝ го испративме нејзиниот сертификат заедно со примерок што покажува како треба да изгледа официјален сертификат од Cambridge First, Сања Лукаревска целосно ја прекина комуникацијата со нас.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски во Собранието презентираше други сомнителни сертификати од поранешни директори поврзани со СДСМ. Тој во Собранието посочи на потенцијалните неправилности, повикувајќи на построги стандарди и проверки за верификација на ваквите документи.

Според Радио Лидер, повеќе од 300 сертификати за англиски јазик во земјата се под сомнение за фалсификат.