Милатовиќ добил закани од Ѓељошај – јавна преписка и политички притисок

Канцеларијата на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ објави дека вицепремиерот и лидер на Албанската алтернатива Ник Ѓељошај му испратил низа закани и несоодветни пораки, веднаш по објавата дека Милатовиќ го враќа Законот за данок на недвижен имот во парламентот. Претседателот ја искористи својата уставна надлежност и одби да го потпише законот, усвоен претходно од Собранието. Случајот е пријавен и кај директорот на Управата на црногорската полиција, а канцеларијата на Милатовиќ го повика премиерот Милојко Спајиќ веднаш да го разреши Ѓељошај.

Обвинетите деманти, објавена СМС-преписка

Ник Ѓељошај, преку јавно соопштение, тврди дека претседателот Милатовиќ не го потпишал законот од лични или бизнис интереси, и дека неговите пораки не содржеле закани. Милатовиќ потврди дека добил закани од Ѓељошај и на социјалната мрежа X објави преписка во која Ѓељошај му напишал:

„Не требаше да се впуштате во ова и очекувајте реакција од Албанците на сите нивоа и каде и да имаме влијание… Но, ќе го добиете одговорот што го заслужувате.“

Политички судир и уставна процедура

Според уставот, доколку парламентот повторно го изгласа законот, Милатовиќ ќе биде должен да го потпише. Тој објасни дека законот е спротивен на Уставот, носи правна несигурност и би ги лишил 22.000 земјоделци од даночни олеснувања.

Милатовиќ и премиерот Спајиќ беа коосновачи на Движењето „Европа сега“, но по политичко разидување, претседателот ја напушти партијата. Албанската алтернатива на Ѓељошај, заедно со ПЕС, просрпската десница, Бошњачката партија и Демократска Црна Гора, е дел од актуелното владејачко мнозинство.

Законот што беше вратен од Милатовиќ најмногу би му користел на буџетот на Општина Тузи, чиј поранешен градоначалник е Ѓељошај. Општината е претежно населена со албанско и бошњачко население.