Мицкоски: Економскиот раст се темели на капитални инвестиции, раст на платите и зголемена потрошувачка
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека економскиот раст на земјата е резултат на реализацијата на големи инфраструктурни проекти и зголемената потрошувачка, поттикната од порастот на платите. На новинарско прашање поврзано со проекциите на Европската комисија, Мицкоски порача дека гледа позитивни изгледи за македонската економија и дека очекува уште подобри резултати до крајот на годината.
Очекувања за раст од над 3,5%
– Растот се темели на реализација на капитални инвестиции и порасната потрошувачка поради повисоките плати. Јас сум оптимист дека ќе биде и поголем. Лани Светската банка прогнозираше 1,8%, а ние остваривме 2,8%, што е за 70% повеќе од очекуваното. Во третиот квартал растот беше 3%, а во четвртиот 3,2%. Сега очекувам раст од 3,5% до 4%, рече премиерот.
Раст во индустријата, туризмот, земјоделството и градежништвото
Мицкоски истакна дека Македонија е една од ретките земји во регионот со раст на индустриското производство во првиот квартал. Посебно внимание посвети и на позитивните резултати во туризмот.
– Имаме раст од над 10% и кај бројот на туристи и кај ноќевањата. Такви бројки се ретки во Европа. Раст има и во земјоделскиот аутпут, како и во завршените градежни работи. Потрошувачката бележи двоцифрен раст, а зголемувањето на директните странски инвестиции и извозот дополнително го потврдуваат позитивниот тренд, изјави Мицкоски.
Контрола врз инфлацијата и стабилни макроекономски показатели
Според премиерот, инфлацијата во март била 2,7% на годишно ниво, со месечно намалување од -1,3%, а во април 2,6% на годишно ниво со месечен раст од 0,6%.
– Гледајќи ги сите овие индикатори, сум уште поголем оптимист. Убеден сум дека ќе ја завршиме годината со раст поголем од 3,5%, заклучи Мицкоски.
Со ваквите проекции, Владата очекува да ја засили довербата кај инвеститорите и граѓаните, потенцирајќи дека економскиот прогрес ќе биде клучен двигател на реформите и европскиот пат на државата.
Извор: Република