Од 12 мај до средината на октомври ќе бидат воведени сезонски авионски летови од Скопје до Сплит, со кои хрватскиот национален авиопревозник „Кроација Ерлајнс“ директно ќе го поврзува македонскиот главен град со хрватското крајбрежје во текот на туристичката сезона.

Како што беше најавено на презентацијата на новата сезонска авионска линија, „Кроација Ерлајнс“ ќе лета два пати неделно меѓу Скопје и Сплит. Полетувањето од Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе биде секоја среда и сабота во 05:45 часот наутро, а пристигнувањето на аеродромот во Сплит во 07:10 часот. Летовите од сплитскиот аеродром до Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе сообраќаат секој вторник (заминување во 22:00 часот, а ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром во 23:05 часот) и секој петок (заминување од Сплит во 21:35 часот, а ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром во 23:00 часот).

Летовите ќе бидат со авион Ербас 319 со капацитет од 144 седишта.

Повратните авиобилети за линијата Скопје – Сплит може да се купат по цени почнувајќи од 119 евра, онлајн, преку веб страницата на „Кроација Ерлајнс“ (www.croatiaairlines.com) или преку мобилната апликација.

Во првиот квартал од годинава на двата аеродрома во земјава превезени се речиси 500.000 патници на двата македонски аеродрома, што е зголемување за 41 проценти во однос на истиот период лани. Во исто време, бројот на летови на двата аеродрома изнесува 4.169, со годишен пораст од 39 проценти. (МИА)