На денешната седница на Владата е утврден текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
Со предлог измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност се врши усогласување на законски одредби од законот со најдобрите даночни трендови од аспект на оданочување на меѓуграничниот промет на услугите како и спроведување на програмата на Владата.
Имено, со предлог измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност се врши доуредување на одредбите кои го дефинираат местото на прометот на услуги, се воведува терминот даночен застапник со цел странските лица кои вршат промет на добра и услуги во нашата земја да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган, со цел ефикасна примена на придобивките од заеднички царински контроли.
На оваа седница на Владата е разгледана информацијата и е утврден текстот на Спогодбата помеѓу Претседателот на Владата на Република Македонија и Претседателот на Владата на Република Албанија и Претседателот на Република Србија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
Со донесување на оваа спогодба за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храна и фитосанитарната политика ќе се уредат формално-правните аспекти на ова прашање, и ќе се олесни трговијата со живи животни, храна и добиточна храна од животинско, неживотинско и мешано потекло, растенија, растителни производи и други објекти и предмети.
Владата денеска го разгледа и усвои Извештајот за усогласениот текст на Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на одобренија за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност (ОЕОС).
Според оваа спогодба, воспоставувањето на соработка, заснована врз заеднички стандарди и взаемно признавање на резултатите од спроведените контроли, ќе претставува средство за олеснување на легалната трговија и ефикасно спречување на недозволената трговија и царинските неправилности во државите потписнички на Спогодбата, но и пошироко.
Преку спогодбата се добиваат повеќе придобивки како што се: полесен пристап до поедноставените царински постапки, приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на физички и документарни контроли од царинските органи, избор на местото за контрола како и други директни и индиректни поволности.
Сето ова треба да придонесе за: намалување на времето на спроведување на царинските постапки за стоките, намалување на трошоците за увоз и извоз, зголемување на конкурентноста и поголема интеграција на македонските компании на националниот, регионалните и европските пазари. На тој начин се зголемува нивниот деловен углед, како и нивната професионалност, претприемачки дух и финансиски капацитети.
Целта на взаемното признавање на статусот ОЕО, по спроведени верификациони мисии, значи дека Царинската управа на една земја ги признава резултатите од проверката на автентичноста и одобрување на статусот ОЕО издаден од царината на другата земја.