Најновите научни истражувања, зајакнување на регионалната соработка и креирање на цврсти врски помеѓу академската и деловната заедница ќе бидат во фокусот на научен конгрес “Science@FEEIT”, која ќе се одржи од 9-12 мај 2024 година во Скопје.

“Science@FEEIT” е во организација на Факултетското студентско собрание (ФСС) при Факултетот за електротехнички и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, кој годинава ќе се одржи по четврти пат. За да се зајакне соработката помеѓу студентите, факултетите и бизнис заедницата, годинава “Science@FEEIT” за првпат ќе биде организиран на регионално ниво и ќе учествуваат и претставници на техничките факултети од регионот.

“Science@FEEIT” е платформа која служи за размена на иновациите во науката, најновите истражувања во областа на техничките науки и зајакнување на партнерствата и соработката помеѓу професорите и студентите. Покрај тоа оваа платформа има за цел и градење на цврсти мостови помеѓу студентите и деловната заедница и поголемо вмрежување.

Преку овие активности “Science@FEEIT” придонесува за подигнување на квалитетот на стручни знаења но истовремено се подобрува квалитетот на кадар на пазарот на труд. На годинешното издание на “Science@FEEIT” ќе се презентираат најновите достигнувања во неколку панели, поделени во теми.

Панелите се посветени на теми како вештачка интелигенција и машинско учење, но и теми поврзани со кариерно насочување по завршување на студиите, а свои излагања ќе имаат професори, претставници од бизнис заедницата и млади истражувачи. “Science@FEEIT” е поддржан и од бизнис заедницата пред се од компании од неколку различни индустрии и тоа телекомуникации, енергетика, информатичка технологија и други полиња од областа на инженерството. Претставниците на компаниите кои ја поддржуваат конференцијата ќе имаат можност за презентација на иновациите што се имплементирани во нивното работење, а ќе можат да ги презентираат и условите за работа пред студентите кои се во завршните години од своето образование.

„Во ера на брза дигитализација, иновации, вештачка интелигенција и целосна трансформација на општествата, јакнењето на врските помеѓу академската и деловната заедница е од клучно значење. Така се овозможува размена на искуства и знаења, но истовремено се поттикнуваат иновации, нови истражувања и континуирано надоградување што е клучно за нас студентите. Наша цел е да придонесеме кон постојано унапредување на нашите знаења и зајакнување на соработката со сите релевантни страни бидејќи така ќе се стекнеме со знаења кои се бараат на пазарот на трудот и ќе придонесеме кон унапредување на едукацијата. Имаме огромна поддршка од сите наши професори и целокупниот научно наставен кадар, што е од огромно значење. Драгоцена е и поддршката од деловната заедница и се надеваме дека соработката ќе се продлабочува во следниот период“, истакнаа од Факултетското студентско собрание при ФЕИТ.

Покрај “Science@FEEIT” Факултетското студентско собрание активно работи и на организација на неколку други настани посветени на посебни сегменти од електротехничките науки какo Tech@FEEIT и Applied@FEEIT, а се работи за препознатливи научни настани со неколку годишна традиција.