Владата денеска го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за олабавување на рестриктивните мерки. Веќе од четврток полицискиот час ќе почнува од полноќ и ќе трае до 4 часот наутро. Исклучок од посебниот режим на движење во вечерните часови ќе има само утре за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.

Угостителските објекти ќе може да работат до 23.30 часот. Од утре, сите настани може да се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30% од капацитетот на затворениот простор. Од утре се отвараат и вежбалните, фитнес центрите и теретаните.

Во градинките ќе може да се зголеми бројот на згрижени деца најмногу до 15 во воспитните групи до двегодишна возраст и до 20 деца во воспитните групи од 2-6 годишна возраст.

Со одлука на Владата престанува да важи и забраната за користење на годишни одмори и платени и неплатени отсуства за вработените во здравството. Тоа ќе се прави согласно планот на раководителот на установата, без да се наруши нормалното и тековно функционирање на системот на работа во здравствените установи.

Како дел од олабавувањето на рестриктивните мерки е и дозволата да се организираат настани и слични јавни активности согласно протоколите за работа, односно до 30 проценти исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50 проценти исполнетост на отворен простор.

– Спортските настани и понатаму се организираат без физичко на присуство на публика, напоменуваат од Владата.