На 14 март се отвора тунелот Муриз – патот од Дебар до Тирана ќе се скрати на еден час

Со официјалното отворање на тунелот Муриз, планирано за 14 март, патувањето од граничниот премин „Блато“ кај Дебар до Тирана ќе се намали на само еден час. Овој тунел е дел од автопатот „Патот на Арбр“ кој ќе овозможи побрза и побезбедна сообраќајна врска меѓу Македонија и Албанија.

Вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку, објави на Фејсбук дека тунелот ќе биде пуштен во употреба на 14 март. Работите на помошниот тунел, наменет за итни случаи, ќе продолжат. Со ова, целиот автопат, долг 74 километри, ќе стане целосно функционален, значително намалувајќи ја претходната рута од 180 километри.

„Патот на Арбр“ – стратешка врска меѓу Македонија и Албанија

Албанската министерка истакна дека „Патот на Арбр“ ќе стане важен коридор за поврзување на Исток и Запад. Таа истакна дека овој тунел ќе ја доближи Тирана со Дебар и Македонија. Истовремено ќе има значајна улога за економскиот развој и туризмот во регионот.

Овој автопат ќе биде најкратката рута што ќе ги поврзува Тирана, Пешкопеја и Македонија, вклучувајќи ги Дебар, Тетово и Скопје.

Тунелот Муриз – еден од најважните инфраструктурни проекти

Тунелот Муриз е долг 3,78 километри и е составен од две посебни цевки – една за редовен сообраќај и друга за итни случаи. Изградбата започна во мај 2019 година, но работите беа забавени поради тешките геолошки услови и лизгањето на земјиштето.

Автопатот „Патот на Арбр“, кој содржи вкупно 7 тунели и 4 мостови, беше делумно пуштен во сообраќај во ноември 2021 година. Оттогаш, фреквенцијата на патници на граничниот премин „Блато“ значително се зголеми, достигнувајќи 834.345 патници во 2024 година. Од нив, 672.062 биле странски државјани, а 162.283 македонски граѓани, што е зголемување од 120.086 патници во споредба со претходната година.

Во меѓувреме, министерот Александар Николоски најави нови проекти. Во Македонија интензивно се работи на инфрастурктурата. Во текот на следното лето најавено е да се пушти дел од автопатот кон Охрид.