На хелиодромот на Општа болница Битола, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со министерот за здравство, Фатмир Меџити, заменик министерката за здравство, Маја Манолева, како и директорот на Градска Општа болница „8-ми септември”, Христијан Костов, присуствуваа на презентација на медикоптерот од Одделот за воздухопловни единици при МВР, во кој е инсталирана новата опрема за итна медицинска помош.

„Денеска ми е особено чест и задоволство што заедно испишуваме историја. Од моментот на основањето на современата македонска држава до денеска немавме ресурси да го вршиме транспортот на пациенти по воздушен пат. Ова е нешто што сакаме да го промовираме и е исклучиво во интерес на граѓаните”, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите. Притоа, тој ја потенцираше соработката со словенечката полиција која овозможи да се инсталира медицинската опрема.

Во изјава за медиумите, Меџити нагласи дека се прави еден значаен исчекор за нашите граѓани, за заштита на пациентите и за осовременување и усовршување на здравствениот систем.

„Со оваа соработка помеѓу двете Министерства за здравство и внатрешни работи, овозможуваме заедничко дејствување на припадниците на хеликоптерската единица при МВР и здравствените установи, односно употреба на хеликоптер за транспорт на пациенти. Хеликоптерот има медицинска опрема за воздушен транспорт, а ГОБ 8 Септември ќе овозможува искусен стручен тим за придружба на пациентот. На овој начин овозможуваме подобра заштита како и побрз транспорт на пациентите до здравствените установи. Драго ми е за соработката, која уште повеќе ќе унапредува и ќе се обидеме понатаму да ја развиваме, а граѓаните на Северна Македонија треба да знаат дека секогаш сме овде за нивните потреби“, рече Меџити.

Заменичката Манолева информираше дека опремата опфаќа монитори за следење витални параметри и инвазивен мониторинг, дефибрилатор, кислородна боца, аспиратор, како и лекови и други медицински инструменти.

„Дополнителна опрема ќе се обезбедува во зависност од дијагнозата на пациентите кои ќе има потреба да се транспортираат. Покрај со медицинска опрема, хеликоптерот е екипиран со доктор и медицинска сестра. Транспортот е целосно бесплатен за пациентот, а за потребата од ваков транспорт ќе врши стручна проценка директорот на установата од каде примарно е пациентот, како и според итноста на состојбата. Нашата тенденција е во иднина да се формира и посебен call центар одговорен за координација, како и да се прошири проектот со вклучување повеќе центри“, изјави Манолева.

Утрово, беше изведен пробен лет од Градската општина болница „8 Септември“ – Скопје до Клиничката болница Битола како една од пооддалечените точки.