Австралија воведе забрана за социјални мрежи за деца под 16 години – строги ограничувања за дигиталниот пристап на малолетници

Забраната за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години стапи во сила на полноќ по локално време во Австралија. Платформите како Инстаграм, ТикТок и Јутјуб се обврзани да ги блокираат профилите на корисниците под оваа возраст или да се соочат со казни кои достигнуваат до 33 милиони долари, пренесе Ројтерс. Мерката е поздравена од родителски здруженија и активисти за заштита на децата, додека технолошките компании и поборниците за слобода на говор ја критикуваат како ограничувачка.

Модел што може да го следат и други држави

Ова е прв обид да се постават практични правила за ограничување на пристапот на малолетници до дигитални платформи, а според аналитичарите, Австралија веројатно ќе биде пример за други држави. „Иако Австралија е прва што усвои вакви ограничувања, малку е веројатно дека ќе биде последна“, изјави професорката Тама Ливер од Универзитетот Кертин. Според Ројтерс, низа влади – од Данска до Малезија и поединечни американски држави – веќе разгледуваат слични мерки. Забраната моментално се однесува на десетте најголеми мрежи, а списокот ќе се шири со појавата на нови платформи.

Проверка на возраста и следење на ефектите

Платформите ќе ја утврдуваат возраста преку алгоритми, податоци од лични документи или банкарски информации. Иако технолошките компании предупредија дека мерката го ограничува слободното изразување и го намалува идниот прилив на корисници, владата истакнува дека примарната цел е заштита на децата и намалување на штетното влијание на социјалните мрежи. Пред воведувањето на забраната, 86 проценти од децата на возраст од осум до 15 години користеле социјални мрежи. Комесарот за е-безбедност ангажирал експерти од Универзитетот Стенфорд и уште 11 академици да го следат влијанието на мерката најмалку две години. Според професорот Тери Флу од Универзитетот во Сиднеј, „деновите на неограничено самоизразување на децата на социјалните мрежи полека поминуваат“, нагласувајќи ја важноста на новата регулатива.