Бугарија го воведува еврото
Бугарија од денеска и официјално стана 21-ва членка на Еврозоната, со што бугарскиот лев е заменет со еврото како нова национална валута. Иако еврото веќе е во официјална употреба, левот ќе може да се користи во промет до 31 јануари, при што кусурот за плаќањата во левови ќе се враќа во евра.
Преоден период и двојно прикажување на цените
Левовите во готовина ќе може да се менуваат за евра во комерцијалните банки, поштите и во Бугарската народна банка. Истовремено, од денеска 96 отсто од банкоматите во земјата издаваат исклучиво евробанкноти, а останатите ќе се прилагодат во рок од две недели.
Со воведувањето на еврото, Бугарија влегува и во преоден период до 8 август 2026 година, во кој цените во продавниците ќе бидат прикажани и во левови и во евра, со цел да се намали загриженоста на потрошувачите од можни неоправдани поскапувања.
Европската комисија: Еврото носи практични придобивки
Според Европската комисија, усвојувањето на еврото е значајна пресвртница за Бугарија, но и за историјата на еврото и Европската Унија. Од Комисијата посочуваат дека еврото ќе го олесни патувањето и живеењето во странство, ќе ја зголеми транспарентноста и конкурентноста на пазарите и ќе ја олесни трговијата, а банкнотите и монетите ќе бидат симбол на слободата и можностите што ги нуди ЕУ.
Фон дер Лајен: Големо достигнување за Унијата
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека приклучувањето на Бугарија кон Еврозоната е едно од најголемите достигнувања на Европската Унија. Таа истакна дека овој чекор е резултат на години напорна работа и дека еврото ќе донесе полесни плаќања и патувања, нови можности за бизнисите и посилен глас на Бугарија во Европа, зајакнувајќи ја Унијата како целина.
Одлуката за приклучување на Бугарија кон Еврозоната ја донесе Советот на ЕУ на 8 јули минатата година, кога беше утврден и фиксниот курс на конверзија од 1,95583 бугарски лева за едно евро.
