Од денеска започнува испораката на топлинска енергија до потрошувачите поврзани на системите за централно греење во Скопје, што се врши по строго утврдени правила во зависност од атмосферските услови и надворешните температури, информира Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

– Според регулативата, доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. Во исто време, со овие правила на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални трошоци за греење на потрошувачите, прецизираат од РКЕ.

При одредени атмосферски услови на доволно топло време кога не е потребно никакво греење, нагласуваат, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува.

– Оваа година грејната сезона започнува пред официјалниот старт на грејната сезона – 15 октомври, поради тоа што просечнaта дневна температура за следниот ден е пониска од 12 степени, заради што РКЕ даде одобрение за испорака на топлинска енергија за да се обезбеди потребниот комфор на потрошувачите, посочуваат од регулаторното тело.