„Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“ е мотото на годинашното 35. издание на меѓународниот Саем на книгата, што почнува од денеска, а ќе се одржува до 10-ти овој месец во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. На Саемот се очекува бројот на посетители да се искачи и до 30 илјади, како пред пандемискиот период.

Организаторите најавуваат богата седумдневна програма со над 60 издавачки куќи и со присуство на домашни и странски автори. Исто така, предвидени се и промоции на нови книги во официјалниот Промотивен центар во Арената, а на штандовите на издавачите се најавуваат едукативни работилници и цртање за најмладите посетители, како и средби со автори и потпишување книги.

-Ако минатата година Саемот на книга го посетија само 24 илјади посетители, годинава се очекуваат 30 илјади посетители. Она што успеавме да го направиме годинава и што ќе биде веројатно позитивно изненадување за љубителите на книга е тоа што и техничкиот дел на арената е подготвен така да биде претставен како вистинско саемско доживување, што значи нема да бидат видливи седиштата или оној дел од салата кој е наменет за други настани, туку ќе бидат прилагодени, изјави вчера Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем.

Една од главните цели на годинашното јубилејното 35. издание на меѓународниот Саем на книгата е одбележувањето на важноста за зачувувањето на мајчиниот македонски јазик, како главен идентитет на народот, а за истото, програмата на Саемот ќе се фокусира и на активност и програма која ги слави познатите легенди, кои имаат оставено значителен печат во македонската книжевност.

По тој повод, на 5 мај, в петок, ќе биде организирана трибина во организација на Македонската асоцијација на издавачи по повод Денот на македонскиот јазик, а заедно со Македонската асоцијација на издавачи ќе се одржи трибина на која се поканети и средните училишта со состави на теми за македонскиот јазик.

Цената на редовна влезница ќе изнесува 80 денари, а 50 денари по лице ќе изнесува цената за организирани групи ученици. Билетите ќе бидат достапни за купување на влез на арената, а сите љубители на дигиталните услуги ќе можат да ги набават своите билети за саемот и онлајн преку „Karti.com.mk“.

Покровител на Саемот на книга традиционално е Министерството за култура.