На интернет сајтот на трговецот мора да биде истакната тековната продажна цена, единечната цена, промотивната или попустната цена за секој одделен продажен објект на трговецот, а секоја промена на цената итно мора да се ажурира.
Од денеска, 18 април, маркетите, аптеките и продавниците за техника и мебел се должни да ги објавуваат цените на своите производи на официјалните веб-страници. Обврската произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачи, кои стапуваат во сила денес (петок), откако по нивното усвојување во Собранието и објавувањето во Службен весник на 4 март, Министерството за економија во рок од 45 дена го изготви Правилникот за начинот на објавување на цените и податоците што мора да бидат достапни за мал, среден и голем трговец што врши трговија на мало.
Истакнати на веб-страница: тековната продажна цена, единечната цена и промотивната или попустната цена
Во Правилникот е наведено дека малиот, средниот и големиот трговец кој врши дејност трговија на мало, согласно Националната класификација на дејностите, е должен да ги објави цените на стоките што ги нуди на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот означен како „Ценовник“.
Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава, и мора да вклучуваат:
тековна продажна цена
единечна цена
промотивна или попустна цена
за промоции: редовната цена, процентот/износот на намалувањето и времетраењето на попустот
Според Правилникот, трговците се должни секој работен ден до 10 часот да ги ажурираат цените. Во случај на техничка грешка, таа мора да се коригира во рок од 24 часа.
Според измените на Законот за прекршоци, за прекршување на обврската се предвидуваат:
парични казни од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на трговецот
времено затворање на маркетот до 15 дена како дополнителна санкција
Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески минатата недела изјави дека со измените во Законот се овозможува високо ниво на транспарентност, бидејќи сите трговци ќе мора да објавуваат цени на веб.
„Тоа ќе им даде можност на купувачите да одлучат од каде ќе купуваат. Тоа е израелски модел за контрола на цените кој се применува и во Италија и Хрватска“, изјави Ристески во одговор на новинарско прашање.
Резултати и очекувања
Според заменик-министерот, мерката за ограничување на бруто профитните маржи за празниците дава позитивни резултати. Според официјалните податоци, евидентирана е дефлација од 1,3% во однос на претходниот месец. Евидентно е и намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци за 3%.
Покрај тоа, Комисијата за заштита на конкуренција, која од јануари оперативно делува, започна со контроли на договорите помеѓу добавувачите и трговците на големо и мало.
Со воведувањето на законската обврска за јавно објавување на цените и воведувањето на повисоки казни, се очекува создавање на:
фер трговска практика
вистинска конкуренција
можност за споредба на цени преку апликации и веб-страници од трети страни
Целта, според Министерството за економија, е јасна: поголема заштита на потрошувачите и стабилизирање на цените, особено во делот на основните производи и секторот на храна и пијалаци.
Извор: СЕ