Без никакви застои и проблеми, со посакуваниот интензитет се одвива пописот на населението и објектите.
Заклучно со завчера до 20 часот попишани се 512.457 лица, 158.519 домаќинства и 212.464 станови.
Масовниот одѕив, како што кажа на вчерашната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски, покажува за свесноста и одговорноста на секој од нас да придонесе за собирањето податоци, важни за креирање на заедничката иднина.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, рече дека одбивањата на попишување се незначителни и дека граѓаните не наседнуваат на негативната кампања.
– Таму каде што имаме првично одбивање, одиме и разговараме. Оди нашиот државен инструктор и член на пописна комисија и досега, најчеста пракса е тие луѓе да се убедат и попишат. Не применуваме никакви санкции се уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно дека ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека, онаа пропаганда против спроведувањето на пописот се дезинформации и целта е сосема друга, изјави Симовски.
Можноста за самопопишување на лица во странство, продолжува и заклучно со вчера до 11:30 часот ја искористиле – 192.827 лица.
Пописот 2021 е во 11 ден од предвидените 26 дена пописни активности и треба да заврши до 30 септември.