Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека милитантите на Хамас доцна синоќа ослободија двајца заложници што ги држеле во заробеништво во Појасот Газа. Заложниците беа идентификувани од израелските медиуми како Јошевед Лифшиц и Нурит Купер од израелскиот кибуц Нир Оз. Тие се вториот пар кој Хамас ги ослободи по ненадејниот упад во Израел на 7 октомври. Ослободените заложници се на возраст од 85 и 79 години и тие веќе се изнесени од Газа преку преминот Рафа во Египет од каде беа преземени со амбилантни возила. Жените, заедно со нивните сопрузи, беа грабнати од нивните домови во Нир Оз за време на дивеењето на Хамас во јужните израелски заедници. Информацијата за нивните сопрузи пак е дека тие и понатаму остануваат во рацете на Хамас.
Ќерката на ослободената Лифшиц, Шерон Лифшиц, за Би Би Си изјави дека нејзината мајка е „добра, свесна, но се уште не знае дека нејзината куќа ја нема“.
Нејзиното ослободување е мал зрак на светлина, но се уште постои темнината, војната се уште трае, вели Лифшиц.
Семејството се уште не одлучило како да и ја каже вистината.
За советниците на премиерот Нетанјаху, последното ослободување на заложници, не значи дека хамас одеднаш станале хуманитарци.
Овие луѓе не се хуманитарци, тие се крволочни убијци. И ако ослободуваат луѓе, тоа е бидејќи тие се принудени да го сторат тоа поради притисокот што го вршиме врз нив. И како што тој притисок се зголемува, верувам дека ќе извлечете повеќе луѓе, изјави вишиот советник Марк Регев.
Меѓувреме, главниот преговарач на Хамас за судбината на повеќе од 200 луѓе кои се киднапирани вели дека сите цивили ќе бидат ослободени доколку се исполнат соодветните услови. Калед Мешал кој е моќна личност во Хамас, почитуван како „жив маченик“, бидејќи преживеал обид за атентат организиран од Израел пред три децении, во своето прво интервју побара Израел да го намали интензитетот на воздушните напади. Тој ги повтори претходните тврдења дека 22 заложници биле убиени во израелските воздушни напади за кои Хамас не сакаше да каже од кои земји се жртвите, наведувајќи само дека голем дел од нив се од Израел. Зборувајќи за убиствата на цивили за време на упадот на милитантите на израелска територија, Мешал тврди дека Хамас никогаш не го планирал тоа… „Ако имало убиства, тоа дефинитивно не било намерно. Дефинитивно“, истакна тој во своето прво интервју за западната телевизија Скај њуз по упадот на Хамас во Израел. Американскиот претседател Џо Бајден пак им порача на Хамас, прво да ги ослободат сите заложници, а потоа ќе се разговара за прекин на огнот.