Мора да престане праксата политичарите својот гнев да го истураат врз вработените, порачаа денеска од КССМ.

Доколку градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска не одржи средба со Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и не ја отповика одлуката со која 100 вработени во ЈП „Водовод и канализација“, остануваат без работа, најавија протести и блокади околу канцелариите на град Скопје и булеварот „Илинденска“.

Претставници на овие синдикати денеска на прес-конференција побара од Арсовска да ги врати на работа 100 работници на кои нема да им бидат продолжени договорите.

„Застануваме целосно зад вработените во ‘Водовод‘ кои градоначалничката рече ќе ги отпушти. Мора да престане праксата политичарите својот гнев да го истураат врз вработените. Па дел од овие вработени имаат земено кредити, не дај боже да зеле некој од оние брзи кеш кредити. Бидејќи знае да упаѓа на прес-конференции еве нека дојде да ја расчистиме ситуацијава“, рече претседателот на КССМ Марјан Ристески.

Тој тврди дека од градоначалничката побарале средба на неколку наврати, но, безуспешно.

„Кај госпоѓата Данела, ние како синдикат имаме уште ланска година барање за средба. Оваа година уште две три писма. Не се само за Водовод. Има незадоволство и во други јавни претпријатија. Се надевам ќе оствариме средба. Знаете кој ми се јави кога баравме средба? Некој преставник на синдикат, нејзин веројатно. Госпоѓа Арсовска, јас како синдикат, толку години се занимавам, не сум доживеал до сега некое претпоставено лице дали министер, дали директор, дали градоначалник, да ми даде синдикат да го решава проблемот. Нема шаанса тоа веќе така да функционира. Секој ќе има одговорност за функцијата што е назнаечен“, рече Ристески, истакнувајќи дека работниците не се виновни и не смее да бидат жртви на каков било реваншизам.