Најфреквентната улица во градот Штип, култната „Едносмерна“ станува шеталиште. На овој потег се одлучи локалната самоуправа за да се добие нова пешачка зона, зашто од едната и другата страна се сместени трговски дуќани, а поради сообраќајниот метеж граѓаните не можеа слободно да се движат.
Улицата пробно ќе биде затворена неколку недели. Станарите кои живеаат овде ќе имат обезбедено паркинг простор во двете катни гаражи, на почетокот и на крајот на улицата, а снабдувањењето на дуќаните со роба ќе се спроведува во одредени термини од денот.
-Проектот којшто го имаме зацртано за улицата „Ванчо Прќе“ е да биде уредена со соодветна урбана опрема, поплочена. Ова ќе биде можност за голем дел од нашите сограѓани своето слободно време да го поминат на прав начин, како што доликува на еден град, кој што е центар на Источна Македонија, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип
Проектот „Пешачка зона во Штип“ граѓаните ќе ги чини околу 200.000 евра. Со овие средства изградени се две катни гаражи, а се предвидува и реконструкција на водоводната и канализациска мрежа и поплочување на пешачката зона.