„32 години, 32 години корупција што убива“. Под ова мото, денеска семејствата на 14-те луѓе што загинаа во пожарот во тетовската модуларна болница излегоа на мирен протест во Скопје, изразувајќи го своето незадоволство од работењето на Јавното обвинителството, пренесува 360 степени.

Од плоштадот „Скендербег“, протестот продолжи пред Обвинителство од каде семејствата на починатите побараа разрешување на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, главниот обвинител во Тетово, Бесир Алиу, како и од обвинителите Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески.

„Бараме отворање на судска постапка за причините на пожарот во која на обвинителна клупа ќе седнат челниците на Министерство за здравство како нарачател и фирмата ‘Брако’ како победник на тендерот. И повторно постапување и преиспитување на пресудата од судот во Тетово“,рече еден од роднините на починатите на денешниот протест.

Ако нивните барања не се земат предвид, како што посочија, ќе бидат принудени да ја сменат формата на мирните протести.

„Животот на граѓаните во оваа држава е заложник за пазарење и тендери без критериуми и материјална корист, но се докажа дека корупцијата убива во оваа држава. Сите зборуваат за интеграција во ЕУ и владеење на правото, но во оваа држава не се почитува најсветото – човечкиот живот“,рече Мумин Исмаили, роднина на една од жртвите.

Порачаа дека од Обвинителството не виделе ниту „П“ од правда, а токму од оваа институција, како што веалт, се уништува перспективата и надежта за достоинствен живот во оваа земја.

„Четиринаесет жртви – нула дена затвор. Ова Обвинителство е газда за организиран криминал, корупција, зло и олигархија“,додаде Исмаили и посочи дека довербата во правосудниот систем е еднаква на нула.

Ова е втор протест на семејствата на починатите во пожарот во тетовската модуларна болница. Првиот се одржа во Тетово на 8 септември, на двегодишнината од пожарот во кој починаа 14 лица.