Со одлука на Владата во вторникот, рестриктивните мерки се олабавуваат до 18 мај.

Работното време на угостителските објекти е продолжено до 23:30 часот, но тие и понатаму ќе бидат отворени само на летните тераси, а исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и делот за исхрана во хотелите, мотелите, хостелите и пансионите за лицата кои се сместени во овие објекти.

Од вчера со работа започнаа и вежбалните, фитнес клубовите, спортските центри, салите за вежбање и игротеките, но во овие објекти е задолжително почитување на протоколите за работа. Се дозволува и организирање на инвент настани, но за нив, ќе важат истите протоколи од претходно, односно до 30 проценти исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50 проценти исполнетост на отворен простор. Спортските настани и понатаму ќе се организираат без физичко присуство на публика.

Како дел од олабавувањето на мерките е и укинувањето на забраната за користење на годишни одмори за здравствените работници и зголемувањето на бројот на деца во градинките. Согласно одлуката на Владата, дозволено е бројот на деца во воспитните групи до две години да се зголеми на 15, а кај воспитните групи од 2 до 6 години на 20 деца.

Предлогот за олабавување на мерките во понеделникот го донесе Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, односно намалениот број на новозаразени и ослободувањето на поголем дел од болничките капацитети.